Двајца затвореници, од кои едниот член на меѓународната банда на ограбувачи на накит, наречена „Пинк Пантер“, синоќа побегаа од затвор во Швајцарија, соопштија денеска швајцарските власти.
Во бегството им помогнале двајца вооружени соучесници, кои влегле со автомобил во дворот на затворот, додека затворениците биле на спортско игралиште под надзор на чуварите.
Тие поставиле подвижни скали со кои двајцата затвореници ја прескокнале оградата на казнено-поправниот дом, а потоа го запалиле автомобилот и побегале со друго возило.
Чуварите се обиделе да го спречат затворениците во бегството, но не успеале во тоа. При инцидентот нема повредени, а полицијата е во потрага по избеганите затвореници.
Избеганиот член на криминалната група е Босанецот ,Милан Попариќ, кој отслужувал затворска казна од речиси седум години поради грабеж во продавница за накит во 2009 година. Тој е трет член на групата „Пинк Пантер“ кој од мај досега успеал да избега од затвор во Швајцарија.