Цела Куба повторно остана без електрична енергија вчера вечерта, што е втор целосен дефект на електроенергетскиот систем за помалку од една недела, оставајќи повеќе од 10 милиони луѓе во темнина.
Кубанското Министерство за енергетика потврди дека имало целосно исклучување на националниот систем и дека се започнати протоколи за негово враќање во функција, пишува CNN.
Колапсот се случи додека островот сè уште се опоравуваше од претходното прекинување на снабдувањето во понеделникот, прво откако САД почнаа да ги блокираат испораките на гориво од Венецуела претходно оваа година. Непосредно пред прекинот во саботата, државната компанија за електрична енергија објави дека во вечерните часови, за време на најголемата потрошувачка, очекува недостиг од 1.704 мегавати.
Американскиот претседател Доналд Трамп често зборуваше за Куба во последните недели, предвидувајќи го неизбежниот колапс на комунистичката влада таму.
„Знаете, целиот мој живот слушам за САД и Куба, кога САД ќе имаат чест да ја преземат Куба? Тоа е голема чест“, рече Трамп во Белата куќа.
„Да ја преземам Куба во извесна смисла, да, да преземам – мислам, без разлика дали ќе ја ослободам или ќе преземам, мислам дека можам да правам што сакам со неа“ рече Трамп.
Претседателот одби да одговори на прашањето дали операцијата за „преземање“ на Куба ќе вклучува исто ниво на сила како и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД во јануари.
Вчера, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, во говорот пред меѓународните активисти кои доставуваат хуманитарна помош на островот, рече дека неговата влада признава дека „може да има напад врз Куба“ и дека се подготвува соодветно.
