Букарам доби девет години затвор за криминална шема со медицинска опрема

Од:

Поранешниот претседател на Еквадор Абдала Букарам е осуден на девет години и четири месеци затвор поради вмешаност во криминална организација која со измама продавала медицинска опрема за време на пандемијата на Ковид-19, пренесе денеска Ројтерс.

Букарам (74), кој беше на власт од август 1996 до февруари 1997 година, би можел да ја издржува казната во домашен притвор поради неговата возраст, согласно еквадорскиот закон.

Обраќајќи им се денеска на новинарите од својот дом, Букарам изјави дека ќе поднесе жалба на пресудата и ја доведе во прашање непристрасноста на судијата, повикувајќи се на наводни претходни напади на социјалните мрежи насочени против неговото семејство.

„Нема кривично дело, измислија апсурдно судење засновано на лаги“, изјави Букарам.

Еден од синовите на Букарам, Хакобо Букарам, исто така е осуден во истиот случај. „Обвинетите формирале организирана криминална структура која во повеќе наврати и координирано извршувала кривични дела“, се наведува во соопштението на обвинителството по повод пресудата.

Државното обвинителство обвини четири лица за стекнување финансиска корист преку преговори за набавка на околу 21.000 брзи тестови за Ковид-19 и друга медицинска опрема во периодот од март до август 2020 година, кога Еквадор минувал низ една од најтешките епидемии во регионот.

Синот на Букарам е осуден на иста казна како и неговиот татко.

Поранешен сообраќаен полицаец е осуден на 13 години и четири месеци затвор, додека израелски државјанин добил намалена казна од две години и осум месеци поради соработката со обвинителството за време на судењето.

Букарам ја следел пресудата преку видеоконференција од болница во крајбрежниот град Гвајакил, каде што бил хоспитализиран поради проблеми со срцето.

Обвинителите навеле дека сообраќајни полицајци обезбедувале двајца странски државјани кои пренесувале залихи до резиденцијата на Букарам во Гвајакил.

„Според истрагата, вмешаните лица се претставувале како членови на дипломатскиот кор или агенти на Управата за борба против дрога“, соопштило обвинителството, пренесе Танјуг.

Еден од вмешаните странци, кого обвинителството го идентификувало како Шај Д, бил убиен во затвор во Гвајакил во август 2020 година, само неколку дена откако сведочел во овој случај.

Би можело да ве интересира

Запленети се 21 тон дрога со висок квалитет

Нобоа прогласи нова вонредна состојба во десет провинции во Еквадор

(ВИДЕО) Масакр на фудбалски натпревар: Тројца убиени при вооружен упад на теренот

Горан Наумовски

Еквадорски нарко-бос уапсен во Шпанија – одговорен е за смртта на повеќе од 400 луѓе

А1он

Голем број загинати во затворски бунт во Еквадор

Жесток конфликт меѓу Колумбија и Еквадор: „Се депортираат граѓани без формален протокол“