Аргентинскиот државен секретар за Малвините, Даниел Филмус побара од Владата на Велика Британија да ги повлече своите воени сили од Фокландските (Малвинските) Острови, онака како што минатиот месец Британците се повлекоа од својата база во провинцијата Хелманд во Авганистан.
Во интервју за пролевичарскиот „Индепендент“, овој поранешен професор и сега близок соработник на аргенитнскиот претседател Кристина Кирхнер, бара од официјален Лондон да ја затвори својата база и да го повлече „скапиот за одржување“ воен гарнизон на Фокландите.
– За неговото одржување Британија годишно троши по 90 милиони фунти,иако ние (Аргентина) немаме никакви планови за извршување инвазија на Островите, вели Филмус, оценувајќи дека затоа британското воено присуство на Фокландите е сосема без основа.
За лондонскиот весник тој изјави дека нема основа да се тврди оти од аргентинска страна би била извршена уште една воена инвазија како онаа во 1982 година, што беше причина и за 70-дневната војна меѓу армиите на двете земји што заврши со тежок пораз на Аргентинците, зад кој останаа околу илјада загинати аргентински и британски војници.
Филмус вели дека Буенос Аирес не сака и не бара воено решение за спорот околу суверенитетот на овој архипелаг во Јужниот Атлантик, туку само дијалог со Владата во Лондон за надминување на разликите.
– Сосема е неразбирливо, што во сегашните услови на бројни воени конфликти низ светот, Велика Британија одбива дијалог и наместо тоа, одржуваат броен гарнизон на Фокландите, претворајќи ги во една од најмиритализираните зони во тој дел од светот, објаснува Филмус.
Аргентина драстично ги намали своите трошоци за вооружување по падот на воената хунта, што уследи по фијаското со инвазијата на Фокландските Острови. Минатиот месец во Буенос Аирес беше соопштено дека Аргентина планира да купи 24 борбени авиони „Сааб-Грипен“, но тие нема да се вклучат во аргентинските вооружени сили најмалку уште пет години.
Барањето за повлекување на британските војници и за затворање на воената база на Фокландите е нов момент во аргентинската кампања против Велика Британија, што таа ја води на домашната политичка сцена и по светот барајќи од Лондон да и ги предаде Островите на Аргентина.
Од почетокот на својот втор мандат,левичарската и популистички определена претседателска Кирхнер,ја отпочна кампањата за преземање на Фокландите кои сега се британска прекуморска територија со високо ниво на самоуправа. Минатата година таму се одржа референдум за иднината на Островите на кој само тројца гласачи беа за промена на сегашниот статус. Аргентина не прифаќа за суверенитетот да се изјаснуваат жителите на Фокландите, туку за тоа да се договорат Буенос Аирес и Лондон, тврдејќи дека станува збор за „последната колонија“ во Јужната хемисфера.
Филмус се наоѓа на турнеја по Европа, лобирајќи за аргентинската позиција во спорот, што Аргентина одново ја наметна кога на океанското дно околу Островите беше пронајдена нафта, а британски фирми почнаа со испитување на рентабилноста за нејзнината експлоатација.
Овој аргентински политичар тврди дека Велика Британија е осамена и дека Русија и Кина, Африка, арапскиот свет, како и цела Латинска Америка се на страната на Аргентина.
Фокландите од 1833 година се британски посед. Овој ненаселен архипелаг,на кој сега живеат околу три илјади луѓе, никогаш досега не бил составен дел на државата Аргентина.