Велика Британија во пролета 1982 година ја испитувала можноста да и додели на Аргентина локација на Фокландските острови, за изградба на една поморска воена база, на само две недели пред инвазијата на аргентинската армија врз овие остриви во јужниот Атлантик.
Во досега доверливите документи на британсата Влада, што денеска прв пат се објавени, се открива дека Форин Офисот, преку британскиот амбасадор во Буенос Аирес бил во консултации со чилеанското Министерство за надворешни работи, околу споровите што Аргентина ги има со Чиле и Велика Британија за островите што се поблиску или подалеку од аргентинскиот брег.
Лондон е веќе 130 години во спор со аргентинските власти околу суверенитетот на Фокландските Острови, а од март, до јуни 1982 година беа во војна, што траеше 70 дена и предизвика смрт на илјада аргентински и британски војници. Во тоа време, Чиле беше на работ од војна со Аргентина поради три мали острови во каналот Бигл, на крајниот југ од Јужна Америка.
Во тајните разговори, чилеанските дипломати тврделе дека причина за расправиите што ги покренува Владата во Буенос Аирес е фрустрацијата на Аргентинците што немаат поморска база јужно од онаа во Порто Белграно. Според денеска објавените документи од тоа време, Чиле и сугерирал на Велика Британија да и даде простор на Аргентина за да отвори поморска база на Фокландите, што Форин Офисот го прифатил како добра идеја и предлагал со тоа да се согласи и Владата во Лондон.
Оваа идеја никогаш не се оствари, затоа што 14 денови подоцна, Аргентина изврши инвазија врз практично небранетите Фокландски острови. По војната, Велика Британија изгради моќна воздухопловна база, а британските воени бродови редовно доаѓаат до Порт Стенли.
Чиле и Аргентина се договорија околу островите во каналот Бигл со посредство на Ватикан.