Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел оцени денеска дека доколку Белорусија прифати руско нуклеарно оружје, тоа би значело неодговорна ескалација и закана за европската безбедност.
– Белорусија сè уште може да го запре, тоа е нивен избор, напиша тој на Твитер.
Според Борел, ЕУ е подготвена да одговори со нови санкции.
Москва и Минск се договорија да разместат тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, изјави во саботата рускиот претседател Владимир Путин во интервју за телевизијата „Русија 24“.
Тој прецизираше дека изградбата на складиштето ќе биде завршена на 1 јули, пренесе РИА Новости.
Претседателот на Русија посочи дека ќе распоредат оружје без да ги прекршат обврските од договорот СТАРТ. Според него, причина за таквиот чекор била најавата на Велика Британија дека ќе ја снабдува Украина со муниција со осиромашен ураниум.