Украина соопшти дека воените операции против проруските сепаратисти во источниот дел на земјата изутринава продолжуваат во близина на градот Краматорск.
Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков на Фејсбук објави дека украинските сили ја заземале кулата во Краматорск, што се наоѓа во близина на бунтовничкото упориште Славјанск, каде вчера се водеа жестоки борби.
Аваков не објави информации за евентуални жртви.
Украинската армија вчера во Славјанск оствари најголем напредок од почетокот на оружениот бунт во источниот дел на земјата. Добро вооружените сепаратисти вчера соборија два воени хеликоптери. Славјанск има 130.000 жители.
– Активната фаза на операцијата продолжува во зори. Нема да запреме, објави на Фејсбук Аваков.
Руските медиуми во текот на ноќта соопштија за судири во близина на Краматорск. Според болнички извори, во судирите едно лице е убиено, а деветмина се повредени.
Претходно загина екипажот на двата соборени хеликоптери во Славјанск. Сепаратистите објавија дека во офанзивата на украинските сили врз градот се убиени три борци и двајца цивили.
Вчера во пожар и улични борби во Одеса животот го загубија 37 лица.