Долгогодишниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој освои 95 отсто од гласовите на изборите одржани неделава, денеска изјави дека Сиријците кои излегоа на изборите „го повратија вистинското значење на револуцијата, откако таа претходно беше оцрнета од платеници“.
-Ја зачувавте нејзината репутација и повторно ја почнавте, рече тој во телевизискиот говор, еден ден откако беше прогласен за апсолутен победник на изборите, кои Западот, но и Турција, која му е сојузник на Асад, ги отфрлија како наместени и нелегитимни.
Сириската Влада ги претставува овие избори, како индикација дека земјата, уништена од десетгодишната разорна војна која однесе стотици илјади животи и расели 11 милиони луѓе или околу половина од населението, функционира нормално.
Победата на Асад (55) му овозможи уште седум години власт и го продолжува владеењето на неговото семејство на речиси шест децении, бидејќи неговиот татко, Хафез ал-Асад, ја водеше Сирија цели 30 години, се до неговата смрт во 2000 година.
Министрите за надворешни работи на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД пред изборите го критикуваа Асад, најавувајќи дека гласањето нема да биде слободно или фер. Турција, отворениот противник на Асад, исто така, соопшти дека изборите се нелегитимни.
Меѓутоа, британските меидуми наведуваат дека победата на Асад му ја честитаа Кина, Русија и либанското движење Хезболах, кое е поддржано од Иран.