Главната обвинителка на Националниот антикорупциски директорат (ДНА) на Романија, Лаура Кодрута Ковеси денеска го претстави годишниот извештај и наведе дека во 2017 година пред судот се изведени 1.000 функционери под обвинение за корупција. Помеѓу нив има тројца министри, шест пратеници и поранешен претседател на парламентот.
Ковеси истакна дека директоратот кривично гонел 713 функционери, вклучувајќи и 28 градоначалници, 38 директори на јавни институции и еден сенатор.
Обвинителите во последните години истражуваа голем број на романски функционери за судир на интереси, злоупотреба на службена положба, како и примање на мито. Сепак, корупцијата во Романија е и понатаму голема, предупредува Ковеси и додава дека некои директори на болници земале милиони евра мито, а злоупотребите на ЕУ фондовите биле двојно зголемени.
Претседателот на Романија, Клаус Јоанис ѝ честиташе на обвинителката и ја пофали нејзината работа.