Светската тенденција за укинување на смртната казна продолжи и во 2012 година, иако во некои земји се зголеми бројот на егзекуциите. Тоа го констатира меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешенел во годишниот извештај за смртната казна.
Најмалку 682 смртни пресуди биле извршени во 2012 година во 21 земја, или за две повеќе во споредба со 2011 година, покажува извештајот. Бројот на наложените смртни казни бележи пад: 1.722 во 58 земји во 2012, наспроти 1.923 во 63 земји во 2011 година.
Во Ирак биле егзекутирани двојно повеќе осудени на смрт минатата година (129), во споредба со претходната година, а Индија и Пакистан ги обновија егзекуциите откако со години беа укинати.
Во Кина биле извршени најмногу смртни казни од сите останати земји заедно, но поради тајноста во која се извршуваат егзекуциите, Амнести интернешенел не може да посочи точен број. Според организации за заштита на човековите права, во Кина тие можеби се илјадници.
Освен Кина, меѓу змејите со најголем број извршени смртни казни се Иран, Ирак, Саудиска Арабија и САД, се посочува во извештајот.
Во Европа и Централна Азија, Белорусија е единствената земја, која ја применува смртната казна. Минатата година таму биле егзекутирани тројца осудени на смрт.