Американскиот секретар за одбрана, Леон Панета, потврди дека американските војници се испратени на јорданско-сириската граница, наводно за да се зајакне јорданската војска во случај на ескалација на насилството во регионот.
“Соработуваме со Јордан веќе подолго време во однос на голем број проблеми кои се појавија поради актуелната ситуација во Сирија”, изјави Панета. Наведе дека има проблем поради големиот број на бегалци од Сирија, но исто така нагласува како САД, заедно со Јордан врши надгледување на местата каде се наоѓа CBW (хемиско и биолошко оружје). “Исто така соработуваме со јорданската војска за да бидат подготвени во случај на конфликт, тоа е причината за доаѓањето на нашите сили. Целта е да и се помогне на јорданската војска да се воспостави седиштето, но и да ги осигураме односите меѓу САД и Јордан, да останат силни, така што ќе можеме да се справиме со сите последици кои би произлегле од актуелната ситуација во Сирија “, изјави Панета.
Утринава Јорданската новинска агенција, Петра, ги негираше информациите дека американските сили пристигнаа на границата, сепак, по коментарот од секретарот за одбрана, работите се многу појасни. САД веќе некое време го користи Јордан како можен полигон за напад врз Сирија – во мај оваа година имаше голема воена вежба “Operation Eager Lion” на која учествуваа околу 12.000 војници од САД, Јордан и други земји.
Не е сосем јасно колку војници се сега испратени на границата со Сирија, Панета тврди дека на границата пристигнале околу 100 воени лица кои останале во Јордан по горенаведените воени вежби во мај. Но извори од американската војска наведуваат за АП дека со авиони пристигнуваат уште “неколку десетици” и како оперираат од заеднички американско-јордански воен центар северно од главниот град. Некои шпекулираат дека американската војска, исто така, би можела да и асистира на Јорданската во однос на прашањето за бегалците – да потсетиме, во последно време, избија неколку жестоки немири во бегалските кампови на границата помеѓу Јордан и Сирија.
“The New York Times” пренесува дека американските и јорданските власти разговарале за можноста за создавање на т.н.. “Тампон зона” во јужниот дел на Сирија, каде што главната улога би ја предводела јорданската армија додека САД би помагал “политички и логистички.” Но, без оглед какви термини се користат, таквиот потег би бил чин на агресија против територијалниот суверенитет на Сирија.