Амбасадорката на САД во Русија, Лин Трејси денеска го посети затворениот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, што е втора ваква посета откако тој е во притвор во Москва од март под обвинение за шпионажа. Волстрит журнал не соопшти детали за средбата на Трејси со Гершкович.
Трејси претходно се сретна со Гершкович во април, откако тој беше уапсен на 29 март, објави Ројтерс. На 22 јуни, судијата го одби барањето на Гершкович (31) да биде ослободен од московскиот затвор во очекување на почетокот на судењето.
Русија соопшти дека Гершкович бил фатен во обид да дојде до воени тајни додека бил на пат во рускиот град Екатеринбург. Волстрит журнал и Гершкович ги негираат обвинувањата. Москва најави дека не може да има размена на затвореници во случајот на Гершкович додека не биде изречена пресудата. Се уште не е одреден датум за почеток на неговото судење.