Кога пред 20 години тргна приказната на дискографската куќа „ПМГ рекордингс“ да се наметне на музичката сцена како поинаква културна понуда во градот, почетокот ѝ бил скромен со визија да има бенд и да создава музика. Не било лесно оти намерата да предизвикаш ново музичко движење кај луѓето било сфатено поинаку.
„Нашата намера за нова лавина настани на повисоко естетско ниво беше нешто што нема врска со нашиов простачки традиционализам. Нешто што е модерно и возбудливо и ќе нѐ донесе рамо до рамо со светските трендови. И не беше лесно да го наметнеш оти луѓето ве гледаат како ‘фрик шоу’. Вие се занимавате со музика која во светот луѓето се фалат што ја имаат, ама кај нас е поинаку, па така ние сме отпадници, наркомани, идиоти“, вели Мирко Попов од „ПМГ рекордингс“.
Навикнат, вели тој, на овој во македонски услови деструктивен став кон нив, во текот на годините сепак се покажа дека луѓето сакаат модерна музика. Јубилејот од основањето на првата независна дискографска куќа „ПМГ рекордингс“ е на 6 октомври во МКЦ со фестивалска ноќ „Сонична младост“. Три подиуми и многу музички гости со над три илјади посетители, Мирко Попов вели дека тоа ќе биде вистински урбан жур со поддршка на „Златен даб“.
Кој сѐ ќе настапува на фестивалот, како е замислена музичката ноќ, но и за почетоците кога ПМГ била само бенд, за годините кога лудувале, за сонот кога почнеле да продуцираат македонска музика и големиот број проекти, Мирко Попов ја раскажа својата приказна. Но, и приказната зошто ги сметаат за одметници, што мисли за народната музика, која како мал постојано ја слушал на радио, очекува ли државата да направи нешто повеќе за урбаниот и современ звук.
Александра Георгиев