Арачиновци, и по три години надеж, како што велат, дека животот ќе дојде во нивното село, не почувствувале никаков благодат досега од локалната власт, која им ветувала многу.
Проблемите си стојат, нема ништо направено за да се подобрат условите, а младите се разочарани и масовно го напуштаат Арачиново, ни кажаа некои од жителите што ги начекавме сретсело.
„Сите бегаат, селото се празни. Кој каде ќе слушне дека има некој роднина, таму заминува. Јас веќе имам 50 години, нема надеж за мене, но оние што може да одат, бараат подобар живот. Овде нема ништо. Нема ниту една фабрика, нема каде да се вработат луѓето.
„Има организирани тури, секоја сабота или недела од селото, и се заминува за Германија. Ги гледаме децата како си одат и ништо не можеме да направиме. Еве, син ми е во Швајцарија, таму живее и работи и во вакви услови, со ваква власт, нема шанси да се врати“, вели еден арачиновец.
Испуканите улици, отворениот канал од кој течат фекалии сретсело го прават поголем револтот кај овие жители. Велат дека и од оваа власт се чувствуваат манипулирани затоа што ништо не е направено од ветеното пред изборите. Велат и дека ѝ поверувале на градоначалничката Хасани дека таа, конечно, нешто ќе направи за селото, но и таа ги разочарала.
„Прво, нема водовод, нема канализација, нема патишта. Што друго може да очекуваме. Има само едно училиште, децата ги носиме по 3 километри. Да имаше нешто изградено, ќе се видеше. Да имаше фабрика, ќе ја видевте, ама нема, сè е лага“.
„Доколку властите, премиерот, претседателот, општинските главатари не се фатат за работа, не само Арачиново туку цела Македонија ќе се запусти. Кој како доаѓа, само си го полни џебот. Корупцијата цвета, тоа е проблемот, затоа нема никакви услови.
„Нема ништо, ние сме отсечени од сите власти. Сите ветуваат, доаѓаат, крадат и си заминуваат“, велат револтираните жители.
Градоначалничката Миликије Халими не беше достапна за изјава да одговори дали има во план и кога ќе почне со изградба на инфраструктурата што ја очекуваат жителите. „А1он“ побара одговор и од нејзините служби, но ни од таму не одговорија.
За разлика од Халими, која не објаснува зошто ништо не се гради во Арачиново, нејзините претходници топката ја префрлаа кај централната власт, се жалеа дека не се префрлаат пари за Арачиново, кое со скромен буџет од приближно 200 илјади евра не може да направи ништо.