На 18-ти мај пред точно 20 години, загинаа „сараевските Ромео и Јулија“, Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ.
Тие беа убиени во близина на Сараево, на Врбањскиот мост во 1993-та година, додека се обидувале да избегаат.
Иако различни по националност во време кога тоа било скоро невозможно, Бошко и Адмира се подготвувале за венчавка и бегство од страшната реалност.
Тој кобен мајски ден во попладневните часови, со надеж дека ќе успеат да побегнат, еден Србин и една Босанка од Сараево станаа Ромео и Јулија.
Сликата од мртвите прегрнати тела на Ромео и Јулија од Сараево, на мостот ја виде цел свет.
Седум дена откако се убиени, војската на Република Српска ги извлекла нивните тела и ги погребала.
По завршувањето на војната во 1996-та година, на иницијатива и желба на родителите на Адмира, нивните посмртни останки се префрлени во Сараево и се заедно погребани.
Нивната трагична љубов е опишана во многу песни и приказни, а снимен е и документарен филм.