Турската полиција синоќа употреби водени топови, солзавец, гумени куршуми и палки за растурање на неколкуте илјади демонстранти, кои се собраа на нови протести на истанбулскиот плоштад Таксим.
Додека полицајците во линија се движеа кон учесниците на протестите, демонстрантите почнаа да фрлаат црвени каранфили кон нив и скандираа „Полицијо, не го предавај својот народ“.
Синоќешниот протестен собир беше организран една недела по полициската акција во која сите демонстранти беа отстранети од паркот Гези во Таксим.
Пред да започне полициската акција протестот траеше два часа, за време на кои демонстрантите извкуваа антивладини пароли и бараа оставка од премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Протести синоќа се одржаа и во турскиот главен град Анкара.
Неколку часа пред новите протести во Истанбул и Анкара, премиерот Ердоган на митинг на негови приврзаници во градот Самсун обвини дека учесниците на антивладините собири се жртви на подмолен план.
– Кој доби со овие протести што траат три недели? Доби лобито на лихварите, добија непријателите на Турција. А загуби, иако малку, економијата и загубија туристите. (Во Турција) има слобода како што немало никогаш досега, нагласи Ердоган.
Тој ги обвини учесниците на протестите дека започнале како војници на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, а завршиле како војници на лобито на лихварите.