Откако пред неколку недели почна проверка на сите туристи што сакаат да го разгледаат Прашкиот замок, каде се наоѓа претседателската резиденција, денеска беа поставени специјални безбедносни сензорски рамки, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Поранешниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг, кој беше и противник на актуелниот претседател Милош Земан при изборите за шеф на државата, го критикуваше ваквиот чин, велејќи дека најпознатата чешка знаменитост е најзатворена во досегашниот период.
– Се сеќавам каква радост беше за Вацлав Хавел да го отвори Прашкиот замок за сите граѓани – оцени Шварценберг кој додаде дека „Замокот се менува во полициско седиште иако не постои директна опасност за безбедноста на претседателот“.
Претходно, се започна со проверка од страна на полицијата на ранците и чантите кои со себе ги имаат туристите.
Контролите беа критикувани пред се од туристичките работници и безбедносните експерти нарекувајќи ги за непотребни и беспредметни, што беше образложено со примерот кога новинари и покрај контролите успеаја да внесат ладно и огнено оружје.
Шефот на Кабинетот на претседателот, Јиржи Овчачек, негираше дека безбедносните мерки се со цел да се заштити претседателот и тврди дека тие се поврзани со безбедноста на туристите.