Археолозите неодамна го преведоа текстот на глинените плочи од древната Вавилонија, кои се наоѓаат во Британскиот музеј повеќе од еден век. На неколку плочи имало застрашувачко предупредување: Кога Месечината целосно ќе влезе во сенката на Земјата, кралот ќе умре.
Археолозите Ендрју Џорџ и Јунко Танигучи превеле 61 знак од четири плочи, кои веројатно потекнуваат од античкиот град Сипар, кој во 17 и 18 век п.н.е. се наоѓал во денешен Ирак. Ова се најстарите познати „пророштва“ од Вавилонија кои се поврзани со затемнувањето на Месечината.
Тие сериозно го сфаќаа влијанието на планетите
Имено, оваа древна култура во Месопотамија била позната по своите астролошки предвидувања. Вавилонските „астрономи“ внимателно ги следеа Месечината и планетите, верувајќи дека овие небесни тела се контролирани од боговите и дека со нив може да се предвиди иднината.
„Набљудувањето на небесните симболи беше сериозна работа во политичка смисла. Има многу докази дека во подоцнежните периоди астрологијата се користела за заштита на кралот, за регулирање на неговото однесување во согласност со желбите на боговите“, рече Џорџ.
Советниците на кралот биле одговорни за набљудување на ноќното небо. Ако предвидувањата биле лоши, тогаш тие жртвувале животно за да го утврдат нивото на опасност. Ако предупредувањата опстојувале, тие правеле ритуали за време на кои ги протерувале злите духови.
Пророчки должности
Новопреведените текстови укажуваат на сложеноста на овој организиран систем на „предупредување“, како и на тоа колку сериозно советниците на кралот ги сфатиле своите пророчки должности. Според вавилонските плочи, затемнувањето за време на утринската стража го означува крајот на династијата, а за време на вечерната стража, доаѓањето на епидемија.
На истите може да се види разработен метод за организирање на знаците на затемнувањето на Месечината според времето на денот и ноќта, месецот и времетраењето на самото затемнување. Меѓу некои од пророштвата имало предупредувања како „кралскиот брат ќе се побуни и ќе го преземе тронот“ и „дождот ќе исчезне од небото“. Некои беа неверојатно специфични – „кучето ќе полуди и никој што ќе биде каснат, машко или женско, нема да преживее“.
Истражувањето под наслов „Old Babylonian Lunar-Eclipse Omen Tablets in the British Museum“ е објавено во „Journal of Cuneiform Studies“.