Во спортската сала Методија Андонов – Ченто, во населбата Маџари, денеска започнаа училишните спортски лиги 2016/2017 кои се организират по единаесетти пат. Во рамки на училишните лиги се вклучени спортовите: мал фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, пинг понг, атлетика, шах, тенис и крос.
Настанот е во организација на општина Гази Баба и Сојузот за училишен спорт Гази Баба, а ќе бидат опфатени 1300 ученици. Целта е да се мотивираат повеќе да спортуваат, да се рекреираат и да другаруваат.
Сите основни училишта од општината имаат регистрирано свои училишни клубови, се прават и лекарски прегледи за учениците и целта е на организиран начин во текот на целата година да се играат најразлични натпревари, информираат од општината.
Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски кој го отвори настанот, им посака на сите училишта среќа и успех во натпреварувањата. Тој на учениците им подари топки за фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, мрежи за одбојка и дресови.