Македонскиот првак Алкалоид ја забележа втората победа на Европскиот клупски куп во шах што се одржува во Скопје. Во 2.коло Алкалоид го совлада норвешкиот шампион Осло Шакселскап со 5,5:0,5.
На првата табла, Велемајсторот Иванчук го совлада во 33 потега, на втората табла, најискусниот норвешки играч Агдештеин со бели фигури одигра рамноправна партија со Томашевски, која заврши со единственото реми во мечот.
Шахистите на Алкалоид на третата и четвртата табла, Андреикин и Криворучко, со агресивна, остра игра ги принудија своите противници на предавање во третиот час од играта.
На последните две табли, Ју и Панчевски играа завршници со разнобојни ловци и тешки фигури. Ју ја искористи предноста на слободниот пешак, а противникот на Панчевски се предаде пред неодбранливи матни закани.
Од другите македонски екипи учесници на купот, Гамбит Асеко загуби со 1,5:4,5 од Нови Бор од Чешка, Центар одигра 3:3 со Експик (Косово), а Карпош загуби со 1:5 од Вајт Роуз (Англија). Женската екипа на Гамбит Асеко ја совлада СПБ од Русија со 4:0, .
Во второто коло нови победи извојуваа главните фаворити, но за одбележување се две големи изненадувања – порази на Накамура (во моментов бр. 2 играч во светот) и Гири (5-ти играч на ФИДЕ листата).
Веќе во третото коло може да се очекуваат дерби мечеви меѓу топ 10 рангираните екипи.