Македонскиот првак Вардар денеска го играат реванш натпреварот од четвртфиналето во ракометната Лига на шампионите против екипата на Фленсбург. На првиот дуел славеа Германците со два гола разлика 24:22. Тренерот на Бундеслигашот Љубомир Врањеш смета дека неговата екипа е доволно искусна за да знае како да одигра на вакви натпревари.
– Ние сме свесни за тоа што не чека на овој натпревар и знаеме што треба да одиграме. Така е тоа во ракометот, имаме два гола разлика, го гледавме првиот натпревар многупати и според тоа што видовме некои работи добро ги завршивме, а во некои сегменти треба да ја поправиме играта. Очекувам тежок натпревар за двете екипи, изјави Врањеш.
Во врска со играта на Вардар на домашен терен, Врањеш смета дека публиката има големо влијание на тоа што го покажуваат „црвено-црните”.
– Од тоа што го видов, мислам дека Вардар има добра публика која што може да го подигне тимот во тешки моменти, играат и одлично во одбраната, имаат квалитетни голмани. Оваа екипа на Вардар има и многу искусни поединци кои можат да одиграат на врвно ниво, стои во изјавата на тренерот на Фленсбург за клупскиот веб сајт на Вардар.
Фленсбург успеа да ги сопре Дибиров и Душебаев на првиот натпревар, но затоа Вардар го имаше расположениот Карачиќ. Врањеш смета дека неговата екипа ја има најдобрата одбрана во светот, и според тоа таквиот начин на игра на првиот натпревар воопшто не треба да биде изненадување.
– Навистина е тешко да се направи тактика за да се сопрат сите играчи од нападот, но ние имаме најдобра одбрана во Биндеслигата, со најмалку примени голови. Тоа значи дека нашата одбрана поддржана од фантастичниот голма е една од најдобрите во светот. Така што воопшто не е тешко да се сопре еден млад и неискусен ракометар како Душебаев да постигне гол. Но, Вардар има доволно квалитет во своите редови за да прикаже квалитетна игра.
Жешката атмосфера во СЦ „Борис Трајковски” кога игра Вардар на домашен терен воопшто не му е непозната на Врањеш, напротив тој посакува што побрзо да ја почуствува истата.
– Ние трипати неделно играме натпревари кои се посетени од 4.000 до 14.000 гледачи, така што ова воопшто не ни е непознато. Напротив, јас едвај чекам да започне натпреварот за да можам да ја почуствувам таа атмосфера, вели гостинскиот предводник.