Меѓународна културно спортска манифестација во традиционално борење (пеливанство) ќе се одржи денеска во Спортско-рекреативниот центар во Студеничани.
На четвртото издание на манифестацијата се очекува учество на повеќе од 100 борачи (пеливани) од Македонија, Бугарија, Турција, Косово и Албанија.
Манифестацијата ја организира Здружението на граѓани за образование, култура, спорт и екологија АКСИ, со поддршка на Министерството за култура, во соработка со општина Студеничани.
Граѓаните на Општина Студеничани се залагаат традиционалното борење – пеливанство да добие статус на културно наследство, како автентично случување со сите специфики низ вековите во овој регион.
Во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ веќе е доставен на одобрување елаборат за традиционалното борење во Студеничани и се чека релевантните фактори да донесат конечна одлука за прогласување на овој етно-спорт за културно добро на Република Македонија. Манифестацијата ќе биде збогатена со настан на КУД „Каршиака“ од Скопје.