Околу 350 дечиња, основци и средношколци денеска учествуваа на општинскиот Првомајски крос натпревар, што се одржа на градскиот стадион во Крива Паланка.
Кросот е традиционален и се одржува како пролетна спортска манифестација во организација на Општински сојуз на училишен спорт, Крива Паланка и Одделениеза јавни дејности, економски развој и информатика при локалната самоуправа на општината, под покровителство на градоначалникот Борјанчо Мицевски.
Учесниците, ученици од основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ и средното училиште „Ѓорче Петров“ од четврто одделение до четврта година гимназија, трчаа на атлетски полигон на стадионот на патеки со различна должина, соодветна на возраста, почнувајќи од 200 до 800 метри.
– Ние како локална самоуправа во изминатиот период направивме крупни чекори за да го омасовиме спортот во Крива Паланка. Со волонтерот на мировен корпус Кајл Бутчер работевме две недели на промоција на женски лидери преку спорт. Се учествуваше на неколку регионални и државни спортски натпревари, а вчера се отвори и ракометна школа на Металур. Денеска ми е чест да видам толкав број млади на спортскиет терени и кросот е само уште една алка која оди во прилог на оттргнување на младите од компјутерите и телефоните. Во иднина уште повеќе ќе работиме во таа насока, изјави градоначалникот Мицевски.
Најави дека во координација со одделението за ЛЕР во општината планираат кросот да биде есенски следната година, да се омасови и прошири, да вклучи учесници и од регионот и соседните погранични општини.
Првопласираните учесниици во сите конкуренции освоија дипломи и медалји, а најдобрите во секоја категорија добија и специјални награди од градоначалникот.