ВИДЕО: Случајот на Гранит Џака се претвори со медиумски циркус, сега лекарката тврди дека го вакцинирала

Од:

Случајот со наводно лажниот ковид-сертификат на капитенот на швајцарската фудбалска репрезентација, Гранит Џака, доби нов пресврт откако докторката од чија ординација потекнува спорниот документ тврди дека фудбалерот навистина бил вакциниран.

Џака претходно јавно призна дека поради страв и недоверба кон вакцината набавил потврда за вакцинација, наместо да ги разреши своите дилеми на друг начин.

„Во тоа вознемирено емотивно расположение, набавив потврда за вакцинација наместо да ги решам отворените прашања на предвидениот начин. Денес јасно гледам дека тоа не беше исправниот пат. Тоа беше грешка и жалам за тоа“, изјави Џака. Поради истрагата, Џака не е во националниот тим на Швајцарија и нема да игра против македонската репрезентација в сабота на стадионот “Тодор Прески“ во Скопје.

Но, докторката Андреа Л. (54) од Луцерн, во чија ординација бил издаден документот, за швајцарски „Блик“ тврди дека Џака лично го вакцинирала.

„Јас го вакцинирав на правилен начин. Тврдењата дека документот е лажен не се точни“, изјавила таа.

Според нејзиното објаснување, Џака прележал ковид во почетокот на 2021 година и имал антитела, поради што според тогашниот протокол му била потребна само една дополнителна доза. Таа тврди дека му ја дала дозата и потоа го издала сертификатот.

Случајот дополнително се усложнил откако швајцарските медиуми објавија дека полицијата во 2023 година извршила претрес во ординацијата на докторката. Истрагата првично не била поврзана со Џака, туку со пријава од здравствено осигурување во врска со нејзиното препишување лекови.

При претресот била запленета медицинска документација, меѓу која, според медиумските извештаи, бил пронајден и документ со името на Џака.

Фудбалерот, сепак, останува при својата претходна изјава. Неговиот портпарол Андреас Бантел, на прашањето за тврдењата на докторката, кратко одговорил:

„Гранит нема што да додаде на својата претходна изјава.“

Така, во јавноста остануваат две спротивставени верзии – Џака признава дека набавил потврда за вакцинација, додека докторката тврди дека лично го вакцинирала и дека сертификатот е вистински. Конечната оценка за тоа што се случило ќе зависи од доказите и од постапката пред надлежните органи.