Македонската фудбалска репрезентација влегува во ново поглавје со назначувањето на Гоце Седлоски за нов селектор. Тој доаѓа на местото на Благоја Милевски, кој по четири години ја напушта функцијата.
Седлоски, легенда на македонскиот фудбал со 100 настапи за националниот дрес, по вторпат ја презема репрезентацијата, но првпат како главен селектор. Во претходниот мандат беше вршител на должност и забележа победа против Литванија.
„Ова е најголема чест и одговорност во мојата кариера. Ќе градиме тим со систем, борбеност и максимален ангажман. Можеби нема секогаш да бидеме фаворити, но секогаш ќе се бориме“, изјави Седлоски на промоцијата, додавајќи дека верува во квалитетот и желбата на фудбалерите.
Дебито на селекторската клупа Седлоски ќе го има во март, кога Македонија ќе гостува кај Данска во Копенхаген, во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2026. Доколку Македонија избори победа, во финалето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Чешка и Ирска.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, истакна дека одлуката е донесена поради потребата од нова енергија и фајтерски карактер.
„Му благодариме на Благоја Милевски за сè што направи, но сметавме дека е време за промена. Баравме селектор со силен карактер и го добивме во Седлоски. Веруваме дека можеме да ја минеме Данска“, изјави Омерагиќ.
На промоцијата беше соопштено дека Седлоски ќе ја води репрезентацијата про-боно до крајот на јуни. Договорот е на две години, со можност за продолжување на уште две. До летото, по негово барање и со согласност од ФФМ, тој ќе остане и тренер на Вардар, клуб со кој сезонава ја освои есенската титула без пораз.
Поддршка за изборот даде и капитенот на златната генерација, Горан Пандев.
„Го знам како карактер и професионалец. Верувам дека може да ја подигне репрезентацијата на повисоко ниво и му посакувам успех“, изјави Пандев.
Во клупската кариера, Седлоски ги предводеше Вардар, Хоризонт Турново, Рига, Широки Бријег, Динамо Загреб II, Шкупи, Влазниа и Работнички.
