Франција се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство, откако во Филаделфија со минимални 1-0 го совлада Парагвај во исклучително тежок и борбен осминафинален натпревар. Решавачкиот момент беше пеналот што, по интервенција на ВАР, го реализираше Килијан Мбапе.
Парагвајците од самиот почеток се определија за цврста дефанзивна игра. Со петмина во последната линија и агресивен пристап успеваа долго време да ги неутрализираат француските напади, а честопати не бираа средства во дуелите, што дополнително ја зголеми тензијата на теренот.
Франција имаше целосна контрола врз поседот на топката, но во првото полувреме не создаде ниту една вистинска гол-шанса. Обидите на Коне, Кунде и Дембеле не донесоа резултат, додека Парагвај дисциплинирано ја чуваше својата мрежа и успешно го издржа почетниот притисок.
По паузата, „триколорите“ го засилија темпото и почнаа почесто да се закануваат. Клучниот момент се случи во 64. минута, кога Дезире Дуе беше соборен во шеснаесетникот. Главниот судија првично не покажа на белата точка, но по повик од ВАР ја прегледа снимката и досуди пенал.
Одговорноста ја презеде Килијан Мбапе, кој сигурно ја испрати топката во мрежата за водство од 1-0.
До крајот Парагвај се обиде да стигне до израмнување, но натпреварот продолжи во нервозен ритам со многу остри стартови и провокации. Најмногу на удар беа Мбапе и Касерес, кои имаа неколку жестоки дуели.
Во самиот финиш Франција можеше да ја потврди победата со уште еден погодок, но голманот Хил со две одлични интервенции ги запре ударите на Мбапе.
Со минималната победа, Франција обезбеди место меѓу осумте најдобри селекции на Мундијалот, каде ќе се соочи со Мароко во битката за полуфинале.
