Холандија со убедлива победа од 3-1 над Тунис го завери првото место во групата, додека Јапонија и Шведска ремизираа 1-1 во последното коло од групната фаза на Светското првенство.
„Лалињата“ уште во воведните минути го решија прашањето на победникот. Во третата минута Шири несреќно ја затресе сопствената мрежа, а само четири минути подоцна Броби ја удвои предноста на Холандија за експресни 2-0.
Тунис успеа да се врати во игра на стартот од второто полувреме кога Мастури намали на 2-1 во 54. минута, но надежите за пресврт траеја кратко. Во 62. минута Ван Хеке ја врати предноста од два гола и ги постави конечните 3-1. За Тунис ова беше трет пораз во исто толку натпревари и без освоен бод го заврши настапот на шампионатот.
Во вториот натпревар од групата, Јапонија и Шведска ги поделија бодовите играјќи 1-1. Јапонците поведоа преку Маеда во 56. минута, но само шест минути подоцна Еланга донесе израмнување за Швеѓаните.
Со ова реми, Јапонија по вторпат во својата историја остана непоразена во групната фаза на Светско првенство и обезбеди место во осминафиналето. Првиот ваков успех го оствари како ко-домаќин на Мундијалот.
На крајот, Холандија го освои првото место со седум бодови, Јапонија заврши втора со пет, додека Шведска со четири бода како една од најдобрите третопласирани селекции исто така се пласира во нокаут-фазата. Тунис го заврши настапот на последната позиција без ниту еден освоен бод.
Турција со драматичен гол во осмата минута од судиското продолжение ја совлада селекцијата на САД со 3-2, но победата немаше резултатско значење бидејќи Турците уште претходно беа елиминирани од Светското првенство. Во вториот натпревар од групата, Парагвај и Австралија одиграа без голови, 0-0.
Турците, кои во првите две кола забележаа два порази и останаа без шанси за пласман во нокаут-фазата, токму во последниот меч го прикажаа своето најдобро издание. Од друга страна, селекцијата на САД веќе имаше обезбедено место во следната рунда, па селекторот Маурисио Покетино направи неколку промени во стартниот состав.
Американците одлично го отворија натпреварот и поведоа уште во третата минута преку Трсти. Сепак, радоста траеше кратко, бидејќи Арда Ѓулер во десеттата минута го израмни резултатот.
До крајот на првото полувреме Турција успеа целосно да го сврти резултатот. Во 31. минута Јилмаз ја затресе мрежата за 2-1, со што неговата репрезентација замина на пауза со минимална предност.
Во продолжението, САД брзо се вратија во игра. Бералтер во 49. минута погоди за 2-2 и најави неизвесна завршница.
Кога изгледаше дека двете селекции ќе ги поделат бодовите, во 98. минута резервистот Ајхан се најде на вистинското место и со својот погодок ѝ донесе победа на Турција од 3-2.
Во паралелниот натпревар немаше голови. Парагвај и Австралија одиграа цврст и претпазлив меч кој заврши 0-0, а тој резултат им одговараше на двете репрезентации.
На крајот, САД ја завршија групната фаза на првото место со шест бодови, додека Австралија и Парагвај со по четири бода обезбедија пласман во нокаут-фазата. Турција со три освоени бода остана на последната позиција и го заврши настапот на Мундијалот.
