Тренерот на Сампдорија Делио Роси по завршувањето на вчерашниот натпревар од 24.коло во Серија А против Рома му покажа среден прст на „иконата“ на гостите од Рим, капитенот Франческо Тоти.
Претходно Роси имаше инцидент со играч од екипа која тој ја предводи. Во мај минатата година, како тренер на Фиорентина, Роси на натпреварот со Пескара физички го нападна Адем Љаиќ, бидејќи фудбалерот иронично му аплаудираше поради тоа што беше изваден од игра. По тој скандал, 52-годишниот тренер доби отказ од „виолетовите“.
На вчерашниот дуел одигран во Џенова, Сампдорија ја победи Рома со 3:1, но победата на домашната екипа беше во втор план, по инцидентите кои ги предизвика нивниот тренер.
Роси пред да го направи непримерниот гест кон Тоти, заработи црвен картон, откако имаше судир со Тоти, Бурдисо и неколку други играчи на „римската волчица“.
– Ова е срамота за италијанскиот фудбал. Да имам 50 или 60 години не би си дозволил да ми се случи такво нешто. Ова не е негов прв инцидент, истакна играчот на Рома Даниеле Де Роси.
Делио Роси како причина за таквата негова реакција ги наведе провокациите кои доаѓале од страна на Тоти и Бурдисо.