Фудбалерите на Аргентина се последните учесници во полуфиналето на Светското првенство, откако во уште еден мундијалски трилер ја совладаа Швајцарија по продолженија со 3-1.
Актуелните бранители на титулата за пласман во големото финале ќе се борат во среда од 21 часот во Атланта, каде ги чека историско, митско дерби против селекцијата на Англија. Швајцарците во Канзас Сити го дадоа и последниот атом од силите за да креираат една од најголемите сензации во историјата на Мундијалите, беа на чекор до тоа да му ја симнат круната на шампионот, но на крајот сепак не издржаа.
По регуларните 90 минути резултатот гласеше 1-1 – мрежата на Швајцарија ја начна Алексис МекАлистер уште во 10. минута, пред во 67. минута да израмни Дан Ндоје. Јазолот во 112. минута, со момент на чиста магија, го пресече Хулијан Алварез со фантастичен погодок од далечина, додека точка на овој меч стави Лаутаро Мартинез во 121. минута од средбата.
Овој натпревар комотно може да се подели на два целосно различни дела. Во првиот, кој траеше до 72. минута, Швајцарците апсолутно доминираа на теренот. Делуваше дека е само прашање на време кога целосно ќе ги скршат „Гаучосите“, а тогаш се случи клучниот детал на натпреварот кога Брил Емболо заработи несфатлив втор жолт картон. Од тој момент гледавме тотална офанзива на Аргентина и цврст бедем на Швајцарија, кој на крајот сепак не издржа до пенал-рулетот.
Аргентина така преживеа уште една голема драма на овој турнир, но и понатаму е во игра за одбрана на пехарот. Останува да се види дали ќе има сили за европските гиганти кои ја чекаат на патот до божицата, а првата пречка се разиграните Англичани.
Самиот почеток на средбата донесе рано водство за Јужноамериканците.
Во 10. минута Лионел Меси изведе корнер од левата страна, гаѓаше на линијата од петерецот на првата статива, каде брилијантно реагираше нискиот Алексис Мекалистер. Врвниот играч за врска на Аргентина ги надскока Соу и Емболо и со глава ја смести топката во мрежата за 1-0. И пред, а особено по тој погодок, Швајцарија беше екипата која го контролираше поседот на топката.
Гранит Џака диригираше со играта на својот тим, кружеше европската селекција околу цврсто поставениот блок на Аргентина, но недостасуваше тоа завршно додавање. Емболо само во еден наврат посериозно го загрози Емилијано Мартинез, но чуварот на мрежата на Аргентина беше присебен и на време ја собра топката пред напаѓачот на Швајцарија.
Во финишот на првиот дел Аргентина успеа да го вовлече ривалот во својот ритам – видовме неколку жестоки дуели, доста прекини и нервоза, па резултатот до заминувањето на одмор не се менуваше.
Второто полувреме тргна во знак на силовити напади на Швајцарија. Притисокот беше толку голем што Аргентина едноставно не можеше да издржи. Ндоје и Емболо константно се закануваа, а светските прваци беа набиени во сопствениот шеснаесетник.
Првата колосална шанса беше видена во 65. минута кога Ндоје опасно шутираше со глава, но Мартинез го запре. Само 60 секунди подоцна, аргентинскиот голман го неутрализираше и страшниот проектил на Џака од преку 25 метри.
Иницијативата на Швајцарија се исплатеше во 67. минута. Ндоје и Родригез со двојно проигрување буквално ја наднудрија задната линија на Аргентина, по што Ндоје по левата страна изби во зицер позиција и со прецизен удар од четири метри го матираше Мартинез за целосно заслужени 1-1.
Во тие моменти делуваше дека Аргентинците се целосно здрмани и зрели за пресврт, а тогаш уследи фамозната 72. минута и несфатлив потег на Емболо, но и судиска одлука за која со денови ќе се зборува.
Леандро Паредес најпрво доби жолт картон поради наизглед остар старт над напаѓачот на Швајцарија на средината од теренот. Меѓутоа, арбитарот Пинеиро доби повик од ВАР собата.
По прегледаната снимка беше установено дека Емболо симулирал. Одлуката беше преиначена: на Аргентинецот му беше поништен картонот, додека Емболо доби втор жолт, односно црвен картон во моментите кога неговиот тим имаше целосна контрола.
Жестоките протести на селекторот Мурат Јакин и неговите избраници не вродија со плод, па Емболо мораше да замине во соблекувалната. Останува отворено прашањето – иако симулирањето постоеше, дали арбитерот мораше да покаже вака ригорозна јавна опомена во четвртфинале на Мундијал?
Со играч повеќе на теренот, Аргентина во финишот од регуларниот тек тргна на сè или ништо. Имаа три големи прилики преку Мекалистер, Меси и Лисандро Мартинез, но Швајцарија, со врвна интервенција на голманот Јаник Кобел, некако се одбрани и избори продолженија.
Во првото продолжение Аргентина имаше речиси 90% посед на топката. Сликата на теренот целосно се промени во однос на првите час време игра, но Швајцарците со фанатична одбрана ја сочуваа мрежата.
Второто продолжение Швајцарците, сепак, не го „преживеаја“, а за тоа се погрижи блескавиот Хулијан Алварез во 112. минута.
Досега го немаше во вистинско издание на Мундијалот, но се појави во вистински момент. Ја доби топката од Лопез, популарниот „пајак“ се намести на десната нога и распали од околу 20 метри, погодувајќи неодбранливо зад немоќниот Кобел за 2-1. Спектакуларен гол, сличен на оној што Аргентина го прими од Зеленортските Острови во осминафиналето!
Тогаш згаснаа сите надежи на Швајцарците. Повеќе немаа сили да нападнат, а тоа го искористи Лаутаро Мартинез, кој со гол во 121. минута ја запечати нивната судбина.
Алмада шутираше по еден контранапад, Кобел успеа да го одбрани неговиот удар во ситуација еден на еден, но напаѓачот на Интер стигна до одбиената топка и лесно погоди за конечни 3-1.
Фудбалската репрезентација на Ангкија се пласира во полуфиналето на Светското првенство , откако по 120 минути жестока борба успеа да ја елиминира Норвешка со триумф од 2-1. Херој на гордиот Албион беше Џуд Белингам, кој ги постигна двата гола за селекцијата на Томас Тухел.
Во третиот четвртфинален натпревар на Светското првенство во 2026 година беше одигран драматичен дуел меѓу Норвешка и Англија во Мајами. По 90 минути резултатот беше 1-1, а Англичаните одиграа одлично во продолженијата и на крајот славеа со 2-1.
Џуд Белингам е апсолутниот херој на Англија со двата постигнати гола, додека трагичар во редовите на Норвешка е голманот Ниланд, кој при решавачкиот погодок ја одби топката директно до противнички фудбалер. Единствениот гол за Норвешка го постигна Шјелдеруп.
Натпреварот наликуваше на вистинска шаховска партија. Најголемите ѕвезди на двете репрезентации, Ерлинг Халанд и Хари Кејн, речиси и да не се забележуваа на теренот, но Англија на крајот го имаше расположениот Белингам.
Во првите десет минути немаше многу возбудувања. Англичаните ја контролираа топката и се обидуваа да пронајдат простор, но Норвежаните беа одлично поставени и не оставаа празнини ниту по крилните позиции, каде што дејствуваа Мадуеке и Гордон. Најмногу додавања имаа англиските стопери, што најдобро ја опишува ситуацијата на теренот.
Првата посериозна ситуација пред голот на Норвешка беше забележана во 19. минута, кога Андерсон нафрли, но Мадуеке не успеа да стигне до топката. Четири минути подоцна О’Рајли центрираше од десната страна, но повторно немаше кој да ја заврши акцијата.
До првата пауза за освежување немаше сериозни шанси, а потоа започнаа грешките. Кејн во 29. минута шутираше над голот од слободен удар, а на спротивната страна Стоунс му подари топка на Халанд, кој не го очекуваше тоа и не успеа да ја искористи шансата.
Првиот удар во рамките на голот беше забележан во 35. минута, кога Халанд се обиде со глава. Само една минута подоцна Норвешка поведе. По одземена топка од Кејн, Шјелдеруп на фантастичен начин ја затресе мрежата. Судијата Клеман Турпан ја проверуваше ситуацијата, но погодокот беше признат за водство од 1-0.
Набргу потоа Едегор упати удар кој го одбрани Пикфорд, а Норвежаните пропуштија и одлична контра два на еден, кога Сорлот и Халанд тргнаа кон противничкиот гол, но Сорлот беше неодлучен.
Казната пристигна на спротивната страна. Англичаните изведоа одлична акција по левото крило, Гордон испрати топка во средината, а Белингам рутински ја заврши акцијата и израмни на 1-1.
До крајот на првото полувреме Англија уште еднаш ја затресе мрежата на Норвешка, но погодокот беше поништен поради офсајд на Кејн.
На почетокот од второто полувреме Англија направи двојна замена. Езе и Сака влегоа на местата на Рајс и Мадуеке. Токму Езе се обиде од слободен удар, но ја погоди топката во Гордон, кој беше поставен покрај живиот ѕид.
Халанд имаше добра можност во 53. минута, кога шутираше кон аголот, но Пикфорд одлично интервенираше. По два последователни корнери Норвешка повторно ја затресе мрежата преку Хегем, но погодокот беше поништен поради прекршок на Халанд врз Андерсон.
Беше очигледно дека Норвежаните создаваат големи проблеми по прекините, а најдобрата можност ја имаше Ајер, кој ја погоди гредата.
Англија се мачеше, особено затоа што Хари Кејн беше одлично чуван и немаше простор. На спротивната страна во игра влезе Нуса и веднаш започна да создава проблеми. По еден негов продор по левата страна, Пикфорд мораше повторно да интервенира.
Во судиското продолжение Спенс успеа да го изненади Ниланд и да го блокира неговиот обид да ја исфрли топката, но не успеа да постигне гол. Белингам потоа се најде во добра позиција, но со глава шутираше покрај голот, па натпреварот замина во продолженија.
Англичаните веднаш го подигнаа темпото. Кејн најпрво пропушти можност со удар со глава од тешка позиција, а потоа следуваше решавачкиот момент. Роџерс шутираше, Ниланд реагираше многу лошо и ја одби топката директно до Белингам, кој без проблеми погоди за 2-1 во третата минута од продолжението.
Норвежаните делуваа физички истрошено, а набргу Турпан покажа и на белата точка за Англија по дуелот меѓу Спенс и Боб. Сепак, по прегледувањето на снимката со ВАР, францускиот судија ја промени одлуката и го поништи пеналот.
Халанд немаше повеќе сили и селекторот Стале Солбакен го замени пред почетокот на второто продолжение.
Англија продолжи да напаѓа. Спенс и Сака имаа можности, но Ниланд во двата наврати одбрани. Сепак, неговата грешка при вториот гол се покажа како прескапа за Норвешка.
Во финишот Норвежаните немаа доволно енергија за уште едно враќање во натпреварот, па Англија со победата од 2-1 обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство.
