Бранителот на трофејот во Лигата на шампионите за ракометари, тимот на Вардар попладнево го очекува реваншот од четвртфиналето со германски Кил.
„Црвено-црните“ имаат гол предност од првиот дуел и се во добра позиција, втор пат по ред да патуваат на Ф4 завршниот турнир во Келн.
Сепак, во таборот на Вардар се свесни дека ништо не е готово и покрај победата во Германија.
– Ова ни е последен меч од Лигата на шампионите сезонава во Скопје. Имаме еден гол разлика од првиот натпревар и сметам дека овој резултат е добар. Сега играме дома и пред нашите навивачи. Сепак, не се опуштаме, свесни сме дека Кил има квалитет. Има одлични ракометари кои ќе знаат да се снајдат и во Скопје. Моите ракометари се подготвени и сакаме уште еднаш да играме во Келн, вели Раул Гонзалес тренерот на македонскиот тим.
Натпреварот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански” со почеток во 17 часот.