Ракометарките на Вардар уште еднаш го повторија она што претходните три сезони го постигнуваа, се пласираа на завршниот „Фајнал Фор“ турнир во Лигата на шампионите откако победија и во реванш натпреварот со Митјиланд, овојпат со 26:24.
Предноста од два гола од првиот натпревар (28:26) во Данска не беше гаранција за лесен меч, а гостинките во најголем дел од средбата беа рамноправен противник. Првото полувреме Митјиланд го заврши со водство од 12:11. Вардар овој сегмент од натпреварот го одигра неповрзано во редовите, со слаба реализација и многу технички грешки. Само во првото полувреме имаше 11 технички грешки, но и осум одбрани на Амандин Лејно. Среќа што и гостинките не беа доволно сконцентрирани, па и тие возвраќаа со грешки.
На почетокот на второто полувреме Митјиланд поведе со највисоки 15:12, резултат кој им одговараше. Во тие моменти тренерот на вардарки во игра ги внесе Тамара Мавсар и Сара Ристовска. Токму тие беа џокерите на Вардар, па македонскиот првак брзо израмние, а потоа преку Лекиќ и Пенезиќ дојде до водство. Потоа на сцена стапи Андреа Човиќ која имаше свои минути на линијата од шест метри. „Црвено-црните“ на пет минути до крајот ја имаа најголемата разлика од плус 4 (25:21), доволно за рутиниран финиш.
Ждрепката за полуфиналните двојки на Ф4 турнирот ќе биде во вторник во Будимпешта.
Во полуфиналето покрај Вардар се пласираа Будуќност и ЦСМ Букурешт, а последниот учесник ќе биде познат вечерва по натпреварот Ѓер – Мец.