Ракометарите на македонскиот шампион Вардар вечерва го играат дуелот од 7. коло од Б групата од Лигата на шампионите. По триумфот над Киелце на домашен терен во претходното коло „вардарци“ покажаа дека повторно се во добра форма и поразот од Загреб е веќе минато.
Овие две екипи последните две години постојано играат во групната фаза од ова натпреварување. Вардар има две победи дома (28:25 и 25:19) и пораз лани (27:28) и победа пред две сезони (35:28) на теренот на Рајн Некар Ловен.
Во редовите на РНЛ оваа сезона настапува и репрезентативното крило на Македонија, Дејан Манасков кој лани го носеше дресот на Вардар.
Во првиот натпревар од 7. коло европскиот првак Киелце во Вараждин го победи ППД Загреб 26:23 (група Б).
Вечерва се играат уште два натпревара Висла – Кадетен Шахфаузен и Динамо Букурешт – Холстебро.