Ванеса Брајант денеска излезе на бината во преполниот „Стејплс центар“ во Лос Анџелес, на комеморацијата во чест на нејзиниот сопруг Коби Брајант и ќерката Џијана Брајант, кои настрадаа на 26 јануари при пад на хеликоптер. Таа, едвај стоејќи, одржа срцепарателен говор за „Џиџи и за Бубу“, како што ги викала своите ќерка и сопруг.
Пренесуваме дел од говорот на Ванеса Брајант:
„Сакам да зборувам за Коби и Џиџи. Ќе почнам од своето девојче“.
„Моето девојче беше нежна душа. Ме бакнуваше за добра ноќ и за добро утро. Беше толку многу внимателна“.
Солзите и зборовите ѝ се мешаа.
„Беше енергична како мене, го имаше истиот ентузијазам и насмевка… Ја имаше најубавата насмевка, заразна, чиста, невина. Исто како тато ѝ, знаеше да послуша некоја песна неколку пати и одма да ги запамти зборовите. Беше одличен спортист“.
Во училиште, рече Ванеса, Џанеса имала само петки, била претседател на училишниот комитет, асистент на режисерот на училишни претстави, знаела мандарински и шпански јазик.
„Ги имаше најубавите бакнежи и прегратки. Нежни усни како нејзиниот татко. Чувствував колку многу ме сака. Го сакав начинот на кој ме гледа и прегрнува. Многу се сакавме. Толку многу ми недостасува. Таа ме направи горда и се уште ме прави горда“.
„Не добивме прилика да ја учиме да вози. Не добив прилика да ѝ кажам колку е убава на венчавката. Никогаш нема да го видам своето девојче на венчавка. Никогаш нема да го видам нејзиниот танц со татко ѝ на свадбата“.
А потоа, почна да зборува за Коби:
„На теренот беше бестрашен. Писател. Оскаровец. Црна мамба“.
Аплауз ечеше низ целиот центар.
„За мене тој беше бубу, а јас за него принцеза, кралица. Никогаш не го гледав како славна личност. Беше нежен сопруг и прекрасен татко. БЕШЕ МОЈ. Беше моето СЕ! Врската ја почнавме кога имав 17 години, бев негова прва девојка, прва љубов, жена, пријател, заштитник. А тој ме сакаше повеќе отколку што можам да објаснам“.
„Неколку дена пред несреќата ми прати слатка порака и рече дека сака да поминеме ден заедно, без децата, затоа што јас сум неговиот најдобар пријател. Не го направивме тоа. Немавме време поради обврските. Но, благодарна сум што ја имам таа порака“.
„Бубу и Џиџи, ве сакам и ми недостигате. Душо, чувај ја нашата ќерка. Забавувајте се таму горе и се гледаме еден ден.
Мама“.
А потоа, со песната, „Ти ми припаѓаш мене“ (You belong to me), на големиот екран почнаа да се емитуваат семејни фотографии од семејството Брајант.