Европската фудбалска централа (УЕФА) ги извести клубовите дека ќе им врати 575 милиони евра на радиодифузерите поради прекинување на натпреварувањето во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Во текот на сезоната 2020/2021, УЕФА требаше да заработи 3,25 милијарди евра годишно од продажба на преноси и спонзорски договори за своите клупски натпреварувања.
– Тоа се пари што нема да бидат поделени. Ние сме во процес на затворање на сметките со УЕФА, со намалување од околу 575 милиони евра за меѓународни клупски натпреварувања, рече претседателот на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) Андреа Ањели на онлајн состанок со 250 члена.
Додека пандемијата од коронавирус принудно не го запре, а потоа и го смени системот на натпреварување со помал број на натпревари во нокаут фазата, клубовите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа требаше да поделат 2,55 милијарди евра од паричната награда на УЕФА.
Ањели, кој е претседател на италијанскиот шампион Јувентус, рече дека клубовите се уште се во криза и дека целата слика нема да биде јасна се додека не започнат да се објавуваат годишните извештаи во следните неколку недели.
Тој предвиде дека некои клубови ќе претрпат поголеми загуби од целите фудбалски конфедерации, како што е УЕФА.
ЕЦА претходно предвидуваше дека европските клубови ќе имаат помал приход од четири милијарди евра во следните две години поради влијанието на пандемијата. Да се играат натпревари без публика пред скоро празни стадиони е проблем што ги обедини сите клубови, изјави Ањели.
– Не станува збор само за атмосферата, туку и важен извор на приход за сите е целосно избришан, додаде тој.
Анџели, исто така, предвиде пад на вредноста кога ќе се обноват комерцијалните договори, како што се спонзорства за дресови.