Претседателот на турскиот фудбалски клуб Фенербахче – Садетин Саран, беше испрашуван во полициска станица во Истанбул откако беше позитивен на кокаин.
Се очекува Саран да ја помине ноќта во главната полициска станица во Истанбул и ќе биде изведен пред суд утре наутро.
„Врз основа на доказите што ни ги донесе истрагата, го приведовме Стивен Садетин Саран, за кого се сомневаме дека снабдува и консумира дрога и охрабрува други да ја користат“, се вели во полицискиот извештај објавен на веб-страницата на истанбулската полиција.
Саран се врати во Турција откако работеше во странство, пишува турскиот „Џумхуриет“.
По враќањето, дозна дека е под истрага за дрога. Откако му беше земен примерок од косата, тестот покажал дека е позитивен на кокаин.
Саран тврди дека не е виновен и дека ќе биде тестиран во независна лабораторија и ќе ја продолжи својата битка на суд.
Турско-американскиот бизнисмен стана 34-ти претседател на Фенербахче во септември оваа година. Роден е во 1964 година во Денвер (САД), а по дипломирањето на колеџ, го основаше „Саран Холдинг“.
Неговата холдинг компанија управува со компании кои се занимаваат со медиуми, интернет платформи, туризам, авијација и обложување.
Освен што е претседател на Фенербахче, тој поседува и акции во германскиот бундеслигаш, Борусија Дортмунд.
