Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот денеска изјави дека Нотингем Форест е еден од кандидатите за освојување на титулата во Премиер лигата.
Ливерпул е прв на табелата со 46 бодови, шест повеќе и натпревар помалку од второпласираниот Арсенал и третопласираниот Нотингем Форест.
Ливерпул го забележа единствениот пораз во лигата од Форест, во септември на „Енфилд“ 0:1, а двата тима играат утре од 21 часот на „Сити Граунд“.
Форест успеа да остане во лигата минатата година и загуби четири од нивните 20 натпревари во Премиерлигата оваа сезона.
„Отсекогаш сум велел дека половина од сезоната е најдобро време да се суди на табелата. Тој момент е сега, Форест е таму горе со нас, со Арсенал, Челзи, (Манчестер) Сити и сите други и поради тоа тие се дефинитивно тим кој е во конкуренција со нас и со другите тимови“, изјави Слот, пренесе „Би-Би-Си“.
„Заслужуваат да се гледаат на тој начин, ако видите како играа и ако ги видите нивните резултати“, додаде тој.
Менаџерот на Нотингем Форест – Нуно Еспирито Санто, не сакаше да зборува за борбата за титулата, ниту за сценариото во кое Форест ќе биде најблискиот конкурент на Ливерпул со победа на „Сити Граунд“.
Форест е во серија од шест победи во лигата и ако победат во вторник, ќе го израмнат рекордот на клубот од седум последователни победи, поставен во 1922 година.
„Ако почнеме да размислуваме за тоа дали… Тоа е ако, ако, ако, ако. Затоа секогаш се обидуваме да му пристапиме на играта на начин како да се подготвиме, како ќе ја одиграме играта. На крајот од играта, нема ако се трудиме колку што е можно повеќе го игнорираме она што е околу нас“, рече Еспирито Санто.
„Никогаш не се менуваме, така ги гледаме работите, така гледаме на конкуренцијата, така го гледаме животот. Ден по ден, фокусот е на задачите. Утре е уште еден тежок натпревар. Кога ќе ги направиме работите добро, треба да сме задоволни, но премногу комплименти можат да ни го одвлечат вниманието, па затоа не обрнуваме премногу внимание“, додаде тој.