Кошаркарите на Универзитетот Северна Каролина ја освоија титулата во НЦАА лигата откако ноќеска во финалето на „фајнл форот“ ја совладаа Гонзага со 71:65.
Првото полувреме го доби екипата на Гонзага со 35:32, а во вториот дел Северна Каролина беше подобра со 39:30.
За Северна Каролина ова е вкупно шеста титула во 11.то финале, а последна ја освои во 2009 година, додека лани беше поразена од Виланова. Гонзага го играше своето прво финале.
Натпреварот го следеа 76.168 гледачи.
Најефикасен на дуелот беше Џоел Бери од Северна Каролина со 22 поена, кој воедно го доби и признанието МВП. Во екипата на Гонзага најдобар играч беше Најџел Вилијамс – Гос со 15 поени и 9 скокови.
За тренерот на шампионот Рој Вилијамс ова беше четврто финале и по третпат успева да триумфира.
Повеќе титули од Северна Каролина имаат само УКЛА – 11 и Кентаки – 8.