Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија денеска го официјализираа договорот за партнерство со машкиот и женскиот ракометен клуб на Вардар, како и со фудбалскиот клуб Вардар.
Според договорот, логото „Т-Мобиле“ ќе се најде на дресовите на РК Вардар, ЖРК Вардар и ФК Вардар, а компанијата ќе дава поддршка на трите клуба.
– Поддржуваме се што е добро, музички настани, концерти, ѕвезди, како и многу спортски настани во Македонија. Бевме спонзор на клубови и репрезентации, но не верувам дека постои поголемо име во спортот од Вардар. Затоа задоволството кај мене е големо што денес го најавувам ова партнерство. Верувам дека клубот, тимот и фирмата која јас ја застапувам сме најдобри во работите што ги правиме и сметам дека ќе придонесеме во нивниот успех. Ова го гледам како сериозно партнерство, кое сигурно нема да трае само една година, изјави Жарко Луковски, извршен директор на Т-мобиле Македонија.
Задоволство од добивањето на новиот спонзор на денешната прес-конференција искажаа и претставниците на клубовите.
– Заедно со Македонски телекомуникации и со Т-мобиле отвараме нови страници за спортскиот клуб Вардар. Овој бренд е светски познат и сметам дека ќе ни помогне да направиме нови успеси во и надвор од Македонија. Вардар има богата спортска историја, од неодамна нов дом, а сега со новиот спонзор одиме кон двојната круна во Македонија, одбраната на титулата во СЕХА лигата и што подобар пласман во Лигата на шампионите, истакна Давор Стојановски, извршен директор на РК Вардар и ЖРК Вардар.
-Вардар е клуб со долга традиција, име со со трофејна историја која е позната на целата јавност, но најважно во овој концепт е тоа што фудбалскиот клуб и ракометните клубови на Вардар размислуваат за својата иднина. Со поддршката од Т-Мобиле на нашите млади спортисти ќе им овозможиме услови за побрзо нивно напредување. Секаде во светот зад секој врвен спортски колектив стои врвна компанија. Сега и ние ќе може да се пофалиме таков тим позади нас, потенцира извршниот директор на фудбалскиот клуб Вардар, Самоил Симев.