Надгледувањето на 31-то светско воено првенство во борење кое ќе се одржи од 21 до 25 септември годинава во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе се одвива во строги рамки на правилата по CISM регулативите за одржување на Светски воени првенства.
Ова го нагласија на денешната прес-конференцијата полковник Нелсон де Хесус Лопез, официјален претставник на CISM за првенството, потполковник Марко Корпела, претседател на боречкиот спортски комитет на ЦИСМ, Сен Левент, неутрален судија на Светската боречка федерација, Димче Трајков, потпретседател на Македонската спортска боречка федерација и полковник Борко Симоски, шеф на македонската делегација и претседател на комитетот за организирање на првенството.
На 31. светско воено првенство во борење ќе учествуваат околу 400 спортисти од 32 земји. Република Македонија ќе биде претставена од 18 припадници на Армијата, а дополнително од земјата учество ќе земат и тројца судии и двајца тренери. Деветнаесет спортисти-натпреварувачи биле дел и од олимписките игри во Рио, годинава, а неколкумина се и носители на златни медали од олимписките игри и светските првенства.
На новинарско прашање во однос на проверка за допинг на натпреварувачите, шефот на македонската делегација полковник Симоски истакна дека се извршени девет допинг контроли и оти секојдневно ќе се вршат медицински прегледи врз натпреварувачите.