Во името на сите ракометари, капитенот на Вардар Стојанче Стоилов вети голема борба на првиот „фајнал фор“ турнир за него и за повеќето играчи на македонскиот првак.
– Одбраната секогаш е првиот предуслов за триумф на еден натпревар, Ако имаш добра одбрана полесно се игра во напад. Подготвени сме, иако сме дебитанти. Тоа не значи ништо. Сите четири екипи има еднакви шанси за триумф тука. Се надевам ќе имаме повеќе среќа од девојките. Чекавме неколку години да дојдеме тука, Знаеме што значи тоа. Дојдени сме со цел и се надевам ќе ја заокружиме таа цел, вели Стоилов.
Во полуфиналето противник на Вардар е еден од најуспешните светски тимови во ракомет. Барселона има осум европски титули зад себе.
– Знаеме кој е нашиот ривал, еден од најдобрите клубови, клуб со историја. Тоа тука не значи ништо, еден меч е тоа. Најважно е да бидеме мотивирани. И кој ќе биде помотивиран ќе победи. Тие се поискусни од нас, ние имаме дебитанти во тимот, но и оние што играле досега тука. На нив останува да не понесат и да ни дадат совети. Можам да ветам борба, тоа ни останува. Да покажеме образ и дека заслужуваме да бидеме тука, и ова ќе биде континуитет за нас во иднина, додаде Стоилов.
Полуфиналето од ЛШ меѓу Вардар и Барселона е закажано за утре со почеток во 18 часот.