Победи нашето срце, но и тактиката која ја применивме во второто полувреме, изјави за МИА, тренерот на словачкиот шампион Татран Прешов, Славко Голужа, по победата над Еурофарм Работник од 24:23.
Вечерва решаваа секундите, трпеливоста и искуството, изјави хрватскиот интернационалец Голужа.
– Јас сум под големи емоции затоа што прв пат во мојата ракометна кариера гостувам во Битола. Ги забележувате солзите во моите очи, но јас уште како дете сонував и посакував да дојдам и да играм во оваа спортска сала. Ова е неверојатно што се случува во Битола, како се сака ракометот и затоа на Еурофарм Работник им посакувам успех во следните натпревари. Вечерва бевме за нијанса подобри и победивме, изјави Голужа.
Ракометарите на Еурофарм Работник како и на претходните натпревари, солидно почнаа, имаа водство и првото полувреме го завршија со предност од 14:13, но во второто полувреме сликата на теренот се смени. Во периодот од 47 до 54 минута гостите остварија резултатска серија од 5:0 со што се навести поразот на домашните ракометари. Гостите победија со 24:23, а објективната публика со аплауз ги награди за постигнатиот успех.
Статистички најефикасен на натпреварот беше Острушко од Еурофарм Работник со 8 постигнати голови, а кај гостите 7 постигна Рабек.