Грузискиот шаховски велемејстор Гајоз Нигалидзе е дисквалификуван од турнирот во Дубаи поради обид за мамење во мечот против Ерменецот Тигран Петросјан, јави Би-Би-Си.
Имено, 26-годишниот Нигалидзе, кој е актуелен шаховски првак на Грузија, бил откриен при обид за мамење со помош на паметен мобилен телефон, поради што може да се соочи со тригодишна суспензија од настапи на меѓународни турнири.
На неговиот противник Петросјан му станало сомнително тоа што Нигалидзе „многу често оди во тоалет“ и го пријавил кај судиите на шаховскиот турнир.
Судиите утврдиле дека Нигалидзе нема проблеми со често мокрење, туку дека во една од кабините од тоалетот имало смартфон, кој го користел за „консултации“ при потезите од шаховската партија.
– Негираше дека паметниот телефон е негов, но тој беше приклучен на неговата Фејсбук страница и имаше активна шаховска апликација што ја покажувапе неговата позиција во партијата, изјави директорот на турнирот Јахја Мохамед Салех.
Ова е прв случај еден шаховски велемајстор да биде откриен во обид за измама со помош на мобилен телефон, откако Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) минатата година ги заостри правилата за спречување на измами со современите ИТ уреди.