Во Агенцијата за млади и спорт денеска на прес-конференција беше најавен јубилејниот 40-ти меѓународен турнир во борење „Македонскиот бисер“. Во своето повеќедецениско опстојување на турнирот се појавиле голем број олимписки, европски и светски шампиони, а така ќе биде и претстојниот викенд. Организаторите на една од најстарите спортски манифестации во нашата држава очекуваат борачи од 14 земји, меѓу нив и носители на медали од големи светски натпреварувања.
– Борењето е дефинитивно најтрофејниот олимписки спорт во нашата земја и претходните резултати на нашите борачи ми даваат за право да констатирам дека ќе се врати во полн сјај и ќе го зацврсти приматот на спорт, по кој Република Македонија е препознатлива во светот. Годинава, славиме неколку Јубилеи. 40 години од “Македонскиот бисер”, 55 години од Македонското борење, но и 20 години од најголемиот успех на БК „Бучим – Јака“ со освојувањето на првото место на Светскиот интерконтинентален куп во борење, одржан 1996 година во Радовиш. Овие успеси се само еден бисер во круната на нашиот најтрофеен олимписки спорт, изјави Спасески .
Во изминатите 5 децении, Македонското борење доживеа вистинска ренесанса и во вистинска смисла на зборот стана нашиот најголем спортски промотор и амбасадор. Не само по добрите резултати и успеси на меѓународната спортска сцена, но и со организирањето на врвните спортски спектакли во Република Македонија. Секако во прв план тука е “Македонскиот бисер”, додаде директорот на АМС.
Токму затоа, информира Спасески, овој традиционален боречки турнир, секоја година добива поддршка од Агенцијата за млади и спорт, а за годинава за организација на бисерот од буџетот на АМС се издвоени 600.000 денари.
По повод јубилејот – 55 години Македонско борење, утревечер се организира пригодна манифестација утревечер на која ќе биде промовирана и монографија за најголемите успеси на овој спорт во петдецениското постоење.
Претседателот на Федерацијата на боречки вештини во Македонија, Ванчо Чифлиганец се заблагодари за поддршката што Агенцијата за млади и спорт во континуитет ја дава како преку финансиски средства, така и преку логистичка помош. Тој очекува силен турнир со оглед на најавените борачи.
– Според пријавените натпреварувачи „Македонскиот Бисер“ ќе биде едно мини Европско првенство. Преку овој турнир веќе 40 години се афирмира нашата држава на меѓународната сцена. Очекувам да одговориме на предизвиците и пред домашната и пред европската и светската јавност, истакна Чифлиганец.
Борбите на турнирот ќе се одвиваат в сабота на 4 јуни, почнувајќи од 10 часот во спортската сала на СЦ „Борис Трајковски“.
До сега се пријавени околу 40 борачи од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Грција, Русија, Јапонија, Романија, Велика Британија, Унгарија, Словачка, Белорусија и Шведска.