Во машката ракометна Лига на шампиони синоќа беа одиграни првите два натпревари од 13. коло.
На средбата од Б групата, екипата на Целје го совлада Рајн-Некар со 37-31. Со оваа победа словенечкиот тим практично одигра во полза на македонскиот шампион Вардар кој остана на првото место на табелата со бод повеќе од германскиот тим.
Сега на црвено-црните им е доволна само уште една победа во преостанатите два меча од групната фаза, за да ја потврди лидерската позиција во групата, а со тоа и директно да обезбеди пласман во четврвртфиналето. Првата шанса вардарци ќе ја имаат веќе в сабота кога гостуваат кај Мешков Брест, а во последното коло го пречекува последно пласираниот тим на Кристијанштад.
Во првиот дуел од А групата унгарскиот Веспрем како гостин во Швајцарија минимално славеше победа над Кадетен Шафхаузен со 28-27.
Покрај дуелот Мешков Брес – Вардар во сабота ќе се играат и средбите: Фленсбург – Силкеборг, ПИК Сегед – ППД Загреб, Кристијанштад – Киелце.
Последните два меча од 13.коло се во недела кога ќе играат, Висла Плок – ПСЖ и Кил – Барселона.
Воедно престојаниот викенд ќе се играат и првите осминафинални натпревари во кои за место во четвртфиналето ќе се борат Мотор Запорожје – Монпелје и Ла Риоха – Нант.
А група – табела: Барселона 22 бодови, ПСЖ 20, Веспрем 16, Фленсбург 11, Кил 11, Висла Плок 8, Силкеборг 6 и Кадетен Шафхаузен 2.
Б група – табела: Вардар 18 бодови, Рајн-Некар 17, Киелце 16, Пик Сегед 13, Мешков Брест 12, Целје 9, ППД Загреб 7 и Кристијанштад 6.