Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец вечерва на свеченост во Скопје ја промовира спортската монографија и истоимениот документарен филм, „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“. Двете дела се посветени на незаборавните успеси на клубот Бучим-Јака од Радовиш кој во 1995 стигна до титулата европски првак, а една година подоцна стана светски шампион.
На 25-годишнината од големиот успех на радовишките борачи до присутните гости се обрати идеологот и реализатор на еден од најголемите македонски спортски резултати, Ванчо Чифлиганец.
– Нема големи и мали држави, има луѓе со големо и мало срце. Ние борачите на Македонија го качивме нашиот камен на врвот од светот. Го задржавме таму колку што можевме. Сега тој камен треба некој повторно да го качи. На потег се младите генерации. Бидете храбри, ние ќе бидеме вашата поддршка. Ако со оваа книга и филм сум ве охрабрил да се зафатите со таа херојска работа и да ја најдете смислата за својот живот, да се искачите на врвот со свој камен, тогаш сум пресреќен. Тогаш и остварениот македонски сон на мојата генерација и на македонските генерации борачи што ја позлатија Македонија, не бил залуден. Ако можевме ние, можете вие, порача Чифлиганец.
Автори на своевидната спортска енциклопедија за македонското борење се Ванчо Чифлиганец и Славчо Тодоров.
Филмот е снимен во режија на Јане Бојаџи и сценаристот Сашко Насев со логистичкиот тим.