Граѓанската спортска организација ТАКТ со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и Агенцијата за млади и спорт денеска промовираше спортско видео „Девојки како нас“.
Видеото има за цел да се промовира женскиот спорт и многубројните придобивки од спортувањето. Во видеото се прикажани истакнати спортистки од осум различни спортови кои во македонската јавност се препознатливи по своите резултати.
– Земајќи ги предвид сите придобивки од спортувањето, наша цел е да стимулираме и охрабриме што поголем број девојки да спортуваат. Затоа креиравме кратко видео кое е многу инспиративно и кое ги препознава девојките спортистки како хероини и како позитивни примери на кои можат да се угледаат младите генерации на девојки, изјави Силвија Митевска, претседателка на ТАКТ.
Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Вилем Ваутер Пломп истакна дека женскиот спорт е многу важен и додаде оти преку спортот жените го развиваат својот потенцијал, самодовоербата и ги рушат бариерите.
– Спортот ве прави да бидете поактивни во животот и полесно да ги надминете предизвиците. Жените како Дафне Шниперс, Силвија Митевска или Дрита Ислами се позитивни примери за младите девојки и инспирација дека можат да постигнат многу. Жените се многу вреден човечки капитал на секоја држава и силните, еманципирани и активни девојки се ’рбетот на секое демократско општество, нагласи Пломп.
Видеото е достапно на социјалните медиуми и ќе биде емитувано на различни телевизиски канали. Дополнително ќе биде презентирано на работилници на тема „Зајакнување на девојки преку спорт“, кои ќе се одржат во средните училишта низ Македонија.