Министерството за внатрешни работи вечер во 20 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“, организира посета за децата од СОС детското село на кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Литванија.
Со тоа, како што посочуваат од Министерството, почнува реализацијата на проектот „Заедно навиваме за Македонија“, кој има за цел превентивно да делува врз младите и да го промовира фер и коректното однесување и навивање на спортските натпревари.
Проектната активност ќе се реализира во соработка со спортските федерации, а предвидено е најдобрите ученици или учениците кои биле најактивни во проектите за соработка со полицијата, заедно со полицијата да ги следат натпреварите на националните селекции во повеќе спортови, кога нашите репрезентации се домаќини.
Проектот опфаќа и други категории на ученици во основните и средните училишта, а при реализирањето ќе се води сметка и за застапеност на ученици од различни етнички групи.