Штрајкот во НХЛ е прекинат денеска рано наутро по њујоршко време по повеќе од 16 часа интензивни преговори меѓу професионалните хокејари и челниците на лигата.
На состанокот е постигната рамка за колективниот договор, па најсилната хокејарска лига на светот, сепак, ќе се игра и оваа сезона. Хокејарите на 15 септември 2012 година стапија во штрајк поради незадоволство од распределбата на приходите и со подготовките за новата сезона доцнат речиси четири месеци.
До конфликтот меѓу играчите и раководството на лигата дојде бидејќи хокејарите досега добиваа 57% од приходите, а челниците сакаа тој процент да го намалат.
Сепак, од лигата засега не објавија точно каков договор е постигнат, ниту кога ќе почне новата сезона и колкав ќе биде бројот на натпревари што ќе го одигра секоја екипа. Пред неполн месец, НХЛ ги одложи сите натпревари до 14 јануари, а јасно е дека новата сезона нема да почне пред 25 јануари.