Во насока на создавање услови за нормално функционирање на ПФМ, Иницијативниот одбор за промена на состојбата и структурите во Пливачката федерација на Македонија денеска одржа прес-конференција на која ги изнесе своите сознанија за овој спорт во државата.
– Како заслужен спортист пред 13 дена испратив барање за прием до Агенцијата за млади и спорт како надлежна институција која се грижи за сите спортисти во државата. Заедно со неколку тренери, пливачи, спортски работници денес бевме примени од директорот на АМС Дарко Каевски, соопшти Александар Маленко кој е еден од иницијаторите за промени во ПМФ.
Оваа иницијатива е најдобронамерна и со искрени заложби да се среди пливачкиот спорт во РМ, дополни Маленко.
Од директорот на АМС добивме ветување дека во рамките на неговите законски надлежности ќе поведе иницијатива за средување на проблемите во пливачкиот спорт.
Иницијативниот одбор очекува во најкус можен рок, АМС формално -правно да го реши овој проблем во интерес на пливачкиот спорт, пливачите и тренерите.
– Не може повеќе да се функционира на овој начин од одредени лица во име на ПФМ. Единствена институција која има право согласно неправилно работење да води мониторинг и надзор на работењето на сите спортски федерации е АМС, изјави Маленко.
Посочи дека зад иницијативата стојат голем број тренери, пливачи, спортски работници и 15-ина родители на врвните пливачи во Македонија.
– Не е важно дали ние сме поголем или помал број. Во секој случај правдата и вистината е на наша страна. А ние сме на старана на пливањето, на законот кој што треба да се имплементира во целост. Во случајот ПМФ нема своја адреса, нема тела, девет години нема завршна сметка, календарска година. Не се води сметка за настапите на нашите пливачи на меѓународните натпревари, потенцира Маленко.
Маријан Соколовски говореше за работата на ПМФ во изминативе години.
– ПФМ во последните 7-8 години нема одржано извештајно-финансиско изборно собрание, а сметката и е блокирана од поодамна. Како резултат на таквото работење уназаден е пливачкиот спорт, девалвирана е работата на тренерите и угледот на ПМФ во меѓународниот институции е доведен на многу ниско ниво. Заради ова, Иницијативниот одбор во консултации со АМС како надлежна за спортот и спортските федерации во РМ се консултиравме и побаравме помош да се средат работите, рече Соколовски.
Иницијативен одбор очекува во најскоро време Агенцијата за млади и спорт да излезе со став за решавање на ова прашање и потоа ќе ги соопшти своите следни чекори.