Полската фудбалска репрезентација се избори за четвртфинале на Европското првенство во Франција, откако попладнево на отворањето на осминафиналната фаза на пенали ја совлада Швајцарија со 5:4.
По 90 минути игра резултатот беше нерешен 1:1, а во дополнителните 30 минути мрежите мируваа.
Јакуб Блажчиковски во 39.минута и донесе водство на Полска од 1:0, резултат со кој заврши првото полувреме. Швајцарија изедначи на 1:1 во 82.минута со голот на Џердан Шаќири, кој ефектно со „ножички“ го постигна најубавиот погодок во досегашниот тек на првенството.
Бидејќи во продолженијата немаше погодоци се изведуваа пенали. Полјаците ги реализираа сите пет удари од 11 метри, додека Гранит Џака беше единствениот Швајцарец кој не постигна гол и го реши победникот.
Од 18 часот на „Паркот на Принцовите“ во Париз играат Велс – Северна Ирска, а денешниот ден го затвораат Хрватска и Португалија со дуелот во Ленс од 21 часот.
Другите натпревари од осминафиналето ќе се одиграат утре и в понеделник. Паровите се:
Франција – Република Ирска,
Германија – Словачка,
Унгарија – Белгија,
Италија – Шпанија и
Англија – Исланд.